Венизлос топката ја префрла во Скопје
Во интервју за весникот „Реал“, тој вели дека Грција ќе соопшти како во НАТО, така и во ЕУ, дека постои проблем со името, но зад него постојат и проблемите со односот на владата и опозицијата, со демократијата...

Шефот на грчката дипломатија Евангелос Венизелос повторно ги користи СДСМ како оружје против македонската евроатлантска интеграција. Во интервју за весникот „Реал“, тој вели дека Грција ќе соопшти како во НАТО, така и во ЕУ, дека постои проблем со името, но зад него постојат и проблемите со односот на владата и опозицијата, со демократијата.
„Кога ќе појдеме во Европската Унија и во НАТО ќе им кажеме дека постои прашањето за името, но зад него е и прашањето за демокатијата, за човековите права, за владеењето на правото. Прашањето за односите меѓу Албанците и Македонците и прашањето за односот на Владата и опозицијата“, најави Венизелос.
Венизелос вели дека нема нов предлог од медијаторот Метју Нимиц.
„Нема да има напредок во прашањето со името, бидејќи нема придвижувања од другата страна“, изјави тој реафирмирајќи ја уште еднаш позицијата за сложено име со географска одредница за вкупна употреба и додава - „Ова бара промена на уставното име. И новото име да се користи ерга омнес. Истото да биде и за меѓународна и за внатрешна употреба, во меѓународните организации и за меѓународните односи, за билатерални и за мултилатерални односи“.
Наспроти ова, во Грција се погласни и подиректни се пораките дека владата на Самарас не смее, но и дека нема да дозволи евентуалното решение да го содржи треминот Македонија, позиција што токму актуелниот премиер ја форсираше во периодот кога беше шеф на дипломатијата.
Марија Котовска, постојан дописник на МРТ од Атина
