Ракомет

Вардарки ремизираа во големото дерби од ЛШ со Будуќност

16.11.2014 22:55

Пенезиќ го отвори резултатот за домаќинот, а Далби возврати. По второто израмнување, Цвијиќ му го донесе првото водство на Будуќност кое до средина на полувремето достигна највисоки 4:7, делумно и поради повредата на стопалото на Лекиќ...

Втор голем дерби меч од ракометната Лига на шампиони во „Јане Сандански“ викендов во кој партиципираа македонските клубови. Околу 5.500 гледачи присуствуваа на највозбудливиот натпревар сезонава во женскиот ракомет, во кој два од трите најдобри женски клуба на континентот ги оправдаа очекувањата, играјќи меч во висок ритам исполнет со многу пресврти, атрактивни акции но и жестоки дуели. Стартот го одбележа цврстата одбрана со мал број погодоци во првиот дел. Пенезиќ го отвори резултатот за домаќинот, а Далби возврати. По второто израмнување, Цвијиќ му го донесе првото водство на Будуќност кое до средина на полувремето достигна највисоки 4:7, делумно и поради повредата на стопалото на Лекиќ. Нејзината замена Икнева со два гола придонесе за серија од 3:0 и ново израмнување, но во неефикасните 7 последни минути Неагу со два гола им донесе водство на гостинките од 9 :11.

Вардарки тргнаа фуриозно по одморот, со серија од 4:0 од 2 негатива дојдоа до 13:11 благодарение на бековската линија и одбраните на Суслина. Ги разиграа и крилата Дембеле и Радичевиќ и по 10 минути игра дојдоа и до 15:12, но неколкуте технички грешки му донесоа нов приклучок на европскиот вицешампион, па дури и водство од 17:18. Последните 15 минути видовме вистинска драма во која екипите се менуваа во водство, а во последните 2 минути Вардар влезе два гола предност кои сепак не беа доволни за победа. Со два гола речиси по исто сценарио Деспотовиќ се избори за 13 израмнување на мечот, а во последниот напад Волтеринг го одбрани ударот на Пенезиќ па натпреварот заврши 24:24. Пенезиќ беше најефикасна со 8 погодоци кај Вардар, а на спротивната страна Неагу постигна гол помалку. Будуќност останува лидер во групата со 9 бода, 2 повеќе од Вардарки кои следниот викенд ќе му гостуваат на германски Турингер.