САД: Легализацијата на нелегалните имигранти- нов судир помеѓу Демократите и Републиканците
Ветувањето на американскиот Претседател Барак Обама за легализација на 11,7 милиони негални имигранти во Соединетите Американски Држави предизвика нов судир меѓу Демократите и Републиканците. Спикерот на американскиот Конгрес, Џон Бејнер веќе го предупреди Обама да не си игра со оган и дека Конгресот нема да одобри средства за финансирање на легализацијата на илегалците...

Нелегалните имигранти во Соединетите Американски Држави го губат трпението, па со протести пред Белата куќа побараа американскиот претседател Барак Обама да го исполни изборното ветување дека ќе добијат легален престој во Америка. Илегалците се главно од Мексико и од Латинска Америка. Планот за реформа на законот за имиграција на претседателот Обама предвидува стопирање на депортациите, легализирање на имигрантите коишто како деца до 15 години дошле во Америка, родители на деца американски државјани и имигранти коишто пристигнале во САД пред најмалку 5 години.
„Се предвидува проширување на категориите илегалци што ќе бидат легализирани. Законот значи одложено депортирање за две или три години. Големо прашање е како ќе реагира Конгресот. Конгресмените можат да го одземат финансирањето и да кажат нема да дозволиме ваков закон се додека не го промените“, објаснува Марк Розенблум, заменик директор на Програма за имиграција во Центарот за миграциска политика во Вашингтон.
Со потпишување на извршна наредба, американскиот претседател ќе легализира 11,7 милиони илегалци. Од 2 до 4 проценти од гласачите на изборите во Америка се илегалци коишто успеваат да гласааат иако не се американски државјани.
„Треба да го поправиме системот за да не гласаат луѓе коишто не се американски државјани. Во последниве неколку децении, кога Републиканците и Демократите разговараат за изборниот систем се согласуваат дека нема изборна измама, но кога ќе размислите за бројката на илегални гласачи, таа е навистина голема и може да влијае на исходот од изборите“, вели Камерон Сивард, експерт на фондација Херитиџ во Вашингтон.
Според американското Биро за статистика од 2013-та година, во Америка легално или илегално живеат и 20.237 Македонци.
Демократите сметаат дека над 11 милиони илегалци коишто ќе добијат легален стаус во Америка ќе бидат нивни идни гласачи.
Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ
