Сотир Голабовски: Скромниот професор кој остави длабоки траги во културната историја на Македонија
Низ децениите во кои активно делуваше како композитор, музиколог и педагог Голабовски остави длабоки траги во културната историја на Македонија...

Професор доктор Сотир Голабовски мојата генерација ќе го памети како професор по полифонија на Факултетот за музичка уметност воСкопје, некои други генерации ќе го паметат како професор по историја на музика, музиколозите со него ќе ги поврзат првите сознанија за науката и музиката.
Но, сите генерации ќе го паметат како скромниот професор, со тивок глас, спуштени наочари и црна чанта во која се наоѓаа многу започнати трудови. Низ децениите во кои активно делуваше како композитор, музиколог и педагог Голабовски остави длабоки траги во културната историја на Македонија.
„Како композитор професор Сотир Голабовски зад себе остава творештво од областа на повеќе жанри. Тука се вбројуваат оркестарската и камерната, вокално-инструменталните композиции, хорското творештво, соло песните, музиката за деца како и композиции за мандолински оркестар. Неговото творештво се движи од импресионистичката колористика, преку додекафонијата и неокласицизмот до алеаториско-импровизациски третмани во делата. Тука се вбројуваат циклусите „Структури“ и „Простори“. Композициите „Дивертименто“ и „Микропростори“ го претставуват инспирирањето на Голабовски од фолклорот. Тој ги спречува карактеристиките на македонскиот музички фолклор со современите композоторски техники. Автор и на операта за деца „Штурецот и мравките“, објаснува м-р Елени Новаковска, музиколог.
Својот творечки пат Сотир Голабовски го започнува во средното музичко училиште во Скопје, во класата на академик Властимир Николовски, за да го награди на музичката академија во Љубљана во класата на Луција Марија Шкерјанц, каде што и магистрира во 1964. Интересот за филозофијата и социологијата го задоволува и како редовен студент на Филозофскиот факултет во Љубљана. Константната едукација го води низ многу едукативни центри низ Европа. Неговото широко познавање подоцна се рефлектара во разни музички сегменти од македонската музичка историја.
„Заедно со професор Драгослав Ортаков, д-р Сотир Голабовски ги поставуваат основите за развојот на музикологијата во Македонија, со особен интерес и акцент врз медиевистиката и палеографијата. Истражувањата од оваа област започнуваат со проучувањето на Музичките ракпописи од Охридската збирка, тема на која што Голабовски докторира под менторство на Владимир Алексеевич Мошин во 1985 година. Голабовски ги дешифрира ракописите на Св.Климент Охридски, Јован Кукузел,Калистрат Зографски и други дејци.Посветеноста кон изворот и откривањето на корените,вербата и религиозноста, но и сериознииот научен пристап ќе резултираат со огромен број на научни трудови од оваа област и публикување на седум тома Македонско црковно пеење (Осмогласник во два тома, Литургија, Општо пеење, Вечерна, Утрена, Сеноќно бдение). Ерудитивноста на професор Голабовски не запира тука. Тој е автор на книгите „Традиционална и експериментална музика“, „Класика и романтика“ како и публикацијата „Музиката од 20 век“, додава Новаковска.
Во своите многубројни изданија, статии, книги, Голабовски е мотивиран од националната идеја, како музички творец тој пак умеел да оствари успешна реконструкција на делата од старотомакедонско црковено пеење. Во личноста на професор д-р Сотор Голабовски е содржана синтагмата на неговото длабоко стручно музичко изразување.
„Она што е особено значајно за развојот на македонската музиколошка дејност е создавањето на манифестацијата „Струшка музичка есен“ чиј идеен творец и реализатор е професор Голабовски. Целта на манифестацијата е да се истражува нашето музичко минато, да се осознаваат постулатите на творење на нашите дејци, но и да се промовира македонската музика. Како резултат на делувањето на музиколозите од целиот свет кои учествуваат на манифестацијата се објавуваат и низа текстови за музичкото минато и сегашност во едицијата Македонска музика“, нагласува музикологот Новаковска.
За успешното делување во разни музички области, Голабовски е добитник на многу призанија и медали ќе ги споменеме 13 ноемвриската награда во 1983 година за операта за деца Штурецот и мравката, Орден на трудот со златен венец, 11 октомвриската награда, наградата Свети Климент, потоа медалот свети Јован Кукузел како и разни интернационлани признанија.
На сегашните и идните генерации неговите дела нека послужат како патоказ кој ќе иницира нови музичкинаучни и композиторски творби.
Весна Малјановска
