Фудбал

До пролет, квалификациски молк

17.11.2014 11:36

Заврши првата третина од квалификациите за Европското првенство. До пролет, до средината на март 2015 година квалификациите ќе бидат во фаза на мирување...

Вредни победи,резултатски изненадувања,инциденти на трибините...! Сево ова беше обележје и на последните осум натпревари од есенската квалификациска сеанса за учество на Европското фудбалско првенство во Франција во 2016 година!

На „Сан Сиро“ во Милано играа лидерите од „Х“ групата Италија и Хрватска. На теренот мечот заврши со „помирливи“ 1:1, а на делот од трибините со хрватски навивачи владееше хаос: димни бомби, топовски удари, физичка пресметка со италијанската полиција,  дваесет минутен прекин на мечот, празнење на дел од трибините...Холандија  под раководство на Гус Хидинк конечно победи. Ја совлада Летонија со 6:0. Чешка со резултатски пресврт со 2:1 стави крај на ниската победи на Исланд.Босна и Херцеговина е далеку од „мундијалската“ форма. Во Тел Авив беше поразена со 3:0 од Израел.Ретко му се случува на сегашниот состав на Белгија да заврши меч без постигнат гол. Велс им одолеа на налетите на Азар, Бентеке, Де Бруин...! Бугарија во Софија остана затечена: аутсајдерот Малта извлече сензационални 1:1. 

Заврши првата третина од квалификациите за Европското првенство. До пролет, до средината на март 2015 година квалификациите ќе бидат во фаза на мирување. Неколку селекции веќе можат да почнат да го планираат учеството во Франција. Чешка, Израел, Словачка и Англија на пауза одат со стонастотен учинок.Полска, Австрија, Хрватска, Италија, Романија, Данска се на добар пат.Довчерашните „мундијалци“ Грција, и  Босна и Херцеговина се заглибени на дното од своите групи, а Србија, Турција, Бугарија се со симболични шанси. Фарските Острови, Лихтенштајн, Сан Марино, Малта ги слават „историските“ свои победи и бодови. Македонија остана во друштво на селекциите кои лебдат ниту горе ниту долу, кои се „борат“ за четвртото место, кое не води никаде.