По појавата на птичји грип, можна забрана за увоз на пилешко од Холандија
Денеска се очекува Европската комисија да донесе одлука за итни времени превентивни мерки кои ќе ги опфаќаат зоните во кои се наоѓаат живинарските фарми од кои ќе биде забранета продажба на секакви пилешки производи во други земји-членки на ЕУ и во трети земји...

По појава на нов вид птичји грип во Европската унија, во Македонија можна е забрана за увоз на пилешко. По Холандија присуство на вирус на птичји грип е потврдено и на фарма во Велика Британија. Иако обликот на грипот се уште не е утврден, официјални лица инсистираат на тоа дека не станува збор за смртоносниот облик на вирусот Х5Н1. Македонските надлежни институции будно ја следат состојбата и препораките од Европската комисија, вели директорот на Агенцијата за храна.
„Ќе ги преземеме сите неопходни мерки, има план за постапување со авијарна инфлуенца. Попладнево ќе се знае сигурно дали ќе воведеме забрана за увоз на пилешко месо од Холандија. Најпрво ќе ги почекаме препораките од ЕК што треба да бидат донесени“, изјави Зоран Поповски, директор на Агенција за храна.
Денеска се очекува Европската комисија да донесе одлука за итни времени превентивни мерки кои ќе ги опфаќаат зоните во кои се наоѓаат живинарските фарми од кои ќе биде забранета продажба на секакви пилешки производи во други земји-членки на ЕУ и во трети земји.
За неполн месец македонските компании кои извезуваат на европскиот пазар ќе треба да ги воведат најновите препораки од Европската унија за прецизно означување на производите.
Операторите ќе бидат обврзани на декларацијата точно да биде наведено потеклото. На производите ќе треба јасно да бидат наведени алергените, нутритивните табели со букви во друга боја.
Казните за непочитување на одредбите ќе се движат од 1.000 до 3.000 евра за правни лица.
Дијана Ценевска
