Откриен нов вирус на птичји грип на фарма во Јоркшир
Иако се уште со точност не е утврено за каков облик на грип станува збор, официјалните лица потенцираат дека тоа не е смртоносниот вирус Х5Н1 и го смируваат населението дека пилешкото во маркетите и рестораните е безбедно за конзумирање...

Откриено присуство на опасен вирус на птичји грип во Велика Британија на фарма за патки во Јоркшир. Од одделот за животна средина, храна и земјоделски работи ДЕФРА наведуваат дека постои сосема мал ризик луѓето да заболат од вирусот.
„Ги презедовме сите итни мерки за спречување на брзо ширење на инфекцијата.Но треба да се земе в предвид дека вирусите на птичји грип се разликуваат во можноста за пренос на луѓе“, вели Најџел Гибенс, ветеринар.
Иако се уште со точност не е утврено за каков облик на грип станува збор, официјалните лица потенцираат дека тоа не е смртоносниот вирус Х5Н1 и го смируваат населението дека пилешкото во маркетите и рестораните е безбедно за конзумирање.
„Постојат неколку птици кои се заболени од вирусот. Над 6.000 патки ќе бидат уништени. Секако вработените на фармата при процесот ќе носат заштитна облека и покрај што ризикот од зараза е мал“, додава Гибенс.
Европска комисија за денеска свика итна седница на која ќе се разговара за регистрираниот случај на птичји грип во Холандија, кој беше откриен на живинарска фарма во селото Хекендроп. Комисијата ќе одлучи дали ќе се спречи продажба на секакви пилешки производи од холандски живинарски фарми во земјите на ЕУ и во светот.
Викендов холандските власти воведоа привремена забрана за транспорт на живина во радиус од 30 километри околу сите живинарски фарми, а беа заклани 150.000 пилиња.
Постојат повеќе облици на птичји грип. Дел од нив не се опасни по здравјето на луѓето. Првата голема епидемија на птичји грип беше во 2003-тата година, регистрирана во Азија. Во 2005-тата имаше случаии во Романија и во Турција.
Маријана Димовска
