Британски методологии и практики во македонската безбедност
Директорот на Бирото за јавна безбедност, Митко Чавков и амбасадорот на Обединетото кралство, Чарлс Гарет потпишаа Меморандум за соработка и имплементирање на британските методологии ипрактики за прибирање информации...

Во борбата против различните видови криминал, македонските инспектори ќе се дообучуваат со искуствана експерти од Британската национална агенција. За поефикасно полициско работење, воспоставени низа реформи во Бирото за јавна безбедност. Се надоградува моделот за криминалистичко разузнавање. Со Британците ќе соработуваме на полето за развивање на капацитетите за оперативна анализа.
„Македонската полиција добива реална можност преку запознавање со искуствата на нашите британски колеги од Британската Национанална агенција за борба против криминалот (NCA) да имплементира уште еден сет квалитетни полициски практики што сосема сум сигурен уште повеќе ќе ја зголемат оперативната функционалност, а следствено на тоа и успешноста во разоткривањето на различните облици криминал“, изјави Митко Чавков, директор на Бирото за јавна безбедност.
Организираниот криминал не познава граници. Влијае на самите општества, на економијата и директно ја поткопува националната и регионалната стабилност и го уназадува процесот на интеграција кон евро-атлантските структури. Со навремена размена на информации полесно се откриваат криминалните мрежи.
„Основата на полициското работење и разузнавачкото полициско работење е основа на една заедничка соработка којашто може да ни помогне заеднички да се бориме против криминалците. Да бидеме успешни во нивното попречување“, смета Хедли Гил, регионален менаџер на Националната агенција за борба против криминалот.
„Преку овие обуки и оваа поддршка ќе можеме на нашите македонски партнери да им го пренесеме искуството и да им помогнеме во градењето капацитети за изготвување на анализи преку собирање на информации со што тие ќе може поефикасно да пристапуваат во борбата против организираниот криминал“, нагласува амбасадорот на Кралството Велика Британија во Македонија, Чарлс Гарет.
Со реализацијата на едногодишниот проект се отвора простор за натамошна стручна едукација на полициските аналитичари.
Наташа Гркова- Петрушевска
