Металац е шанса за враќање на МЗТ Скопје Аеродром на победнички патеки
Третиот тренер сезонава Боби Митев дебитираше со пораз во АБА лигата на гости против најуспешниот клуб во историјата Партизан и сега е пред нималку лесна задача, да го исправи курсот на бродот кој одамна не плови по зацртаниот курс...

Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром вечерва го играат натпреварот од 8 коло во АБА лигата, против екипата на Металац од Ваљево. Според состојбата на табелата тоа е меч за избегнување на дното, затоа што двата тима досега остварија само по две победи. Македонскиот шампион успесите ги забележа на свој терен против Задар и Солнок, по што нанижа три убедливи порази на последните 3 настапи во кои имаше турбулентен период и две промени на тренерската позиција, каде што најпрвин беше раскината соработката со Змаго Сагадин, а потоа и со Врбица Стефанов. Третиот тренер сезонава Боби Митев дебитираше со пораз во АБА лигата на гости против најуспешниот клуб во историјата Партизан и сега е пред нималку лесна задача, да го исправи курсот на бродот кој одамна не плови по зацртаниот курс.
За такво нешто е неопходна победа над дебитантот во лигата, кој во изминатите 7 кола има идентичен бодовен ефект со нашиот претставник. Но за разлика од својот домаќин, формата им е во нагорна линија што го потврдуваат двете победи во последните две кола, особено онаа на гости со Унион Олимпија во 6 коло, по што следуваше убедлив настап против Игокеа кога ја забележаа првата победа на свој паркет. Во редовите на српскиот клуб има двајца поранешни кошаркари на МЗТ Скопје и тоа бековите, црногорецот Борис Бакиќ и Никола Оташевиќ кои сигурно ќе имаат дополнителни мотиви за докажување против некогашниот клуб. Преносот од натпреварот МЗТ Скопје Аеродром – Металац е вечерва во 20.30 часот на Собранискиот сервис.
