ИПА 2: 664,2 милиони евра од ЕУ за Македонија

17.11.2014 16:01

Со програмата ИПА 2, Македонија од ЕУ на располагање ќе добие 664,2 милиони евра за реализација на конкретни и стратешки приоритети од повеќе области како - владеење на правото, животна средина, транспорт, конкурентност, образование, вработување...

„ИПА 2 значи нова финансиска перспектива за многу реформи  во сите сегменти на општествениот живот“,  вели Вицепремиерот  Зоран Ставрески. Според него конкурентност и раст, економско владеење, демократија и владеење на правото се трите дефинирани предизвици. Првата област е најзначајна за зголемување на конкурентноста на македонската економија и остварување поголема стапка на економски раст.

„Остварувањето на економскиот раст бара создавање на добри услови и вложувања во инфраструктура и не само физичка инфраструктура, туку и човечка инфраструктура. ТОкму тука ја гледам можноста преку ИПА 2 средствата да ја подобриме инфраструктурата, преку реализација на значајни проекти како транспоретите коридори и други проекти во делот на инфраструктурата, вклучително патна, еколошка, енергеткса инфраструктрура“, вели вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески.

Ова е документ што значи директна поддршка од ЕУ за Македонија а поголемиот износ значи и поголема одговорност да ги користиме средствата на поефикасен начин  смета вицепремиерот Фатмир Бесими.

Евроамбасадорот Аиво Орав вели дека Европската помош ќе и помогне на земјава да ги исполни стандардите за идното членство во Унијата.

„Со ИПА 2 одлучивме да ги поддржиме политичките и економските реформи како и одржливоста во наредните 7 години. Вредностите на ЕУ остануваат основа за ИПА 2  за исполнување на политиките поврзани со ЕУ. Се уште постои потреба за подобрување на капацитетите за искористување на средтвата“, смета евроамбасадорот Орав.

Првите проекти можат да почнат со реализација до крајот на 2015-та. Степенот на искористеност на ИПА 1 е 39 проценти, а до крајот на годинава се очекува да достигне 45 проценти. 

 

Лидија Чакар