Обдукција: Телото е на Дениса, причините за смртта остануваат непознати
После 67 поминати дена во вистинска голгота, откако исчезна Дениса од бродот Серенисима во Грција, тие денес ја добија конечната и трагична вест, дека нивната ќерка е мртва...

„Таа е, пред малку од Министерството за здравство ни кажаа дека телото е на Дениса, неможам повеќе да зборувам, ве молам оставете не“. Вака, со плачење и голем лелек, ни одговори таткото на Дениса, Кирил Маркоски, кого го контактиравме откако Институтот за судска медицина во Скопје потврди дека трупот донесен од Грција е оној на Дениса.
Резултатот на ДНК споредбата бил ист како оној во Грција. Денеска од куќата на Маркоска во Прилеп се слушаат само звуци на плач и тага. Собрани се поголем дел од роднините и пријателите.
После 67 поминати дена во вистинска голгота, откако исчезна Дениса од бродот Серенисима во Грција, тие денес ја добија конечната и трагична вест, дека нивната ќерка е мртва.
Телото на Дениса во Македонија беше донесено на 4-ти овој месец, а родителите побараа нова споредба на ДНК материјалите и нова обдукција, бидејќи се сомневаа во онаа направена во Грција.
МРТ контактираше со еден роднина на семејството кој ни кажа дека само им било потврдено дека телото е на Дениса, но и од македонските органи денес не добиле извештај од што настапила смртта. Досега ниту грчките власти се немаат изјаснето од што настапила смртта кај Дениса, иако и тие извршија обдукција, во нивното соопштение стои само дека станува збор за непозната природна смрт.
Допрва грчките власти треба да се изјаснат дали за случајот ќе отворат истрага за сомневање за убиство, дали ќе го прогласат за самоубиство или тој ќе биде затворен како несреќа.
Инаку телото на Маркоска сеуште е во Скопје, и денеска или утре тоа треба да биде донесена во Прилеп, каде таа ќе биде и погребана.
Дарко Штаргоски
