Расте размената со ЕУ – Франција се уште далечна

17.11.2014 16:37

Македонија ја билда трговската размена со Европската унија. Ако лани 72,8 проценти од нашиот извоз завршувал во земјите – членки на ЕУ, годинава сме пласирале 77,2 насто и тоа при зголемен обем. Простор за позасилена трговска активност има, особено со Франција, земја која е се уште реалитивно непозната за македонски компании.

Заздравувањето на европската економија ги отвори вратите за македонските компании. Се зголемуваат испораките кон земјите – членки на Европската унија, нашиот најголем трговски партнер. Заклучно со септември, вкупната вредност на извозот кон ЕУ е зголемена за 27 проценти.

„Најголем дел од нашата трговска размена е со земјите од ЕУ. Нарачките се обезбедени, нема посериозни најави за можна криза во идниот период и тоа е добро, бидејќи влева сигурност во работењето на македонските компании“, изјави Данела Арсовска, претседател на ССК.

Но и покрај ова, над половина од вкупната размена отпаѓа на пет европски земји: Германија, Велика Британија, Грција, Србија и Италија. Франција ја нема, не само меѓу петте водечки, туку и меѓу првите 20 трговски партнери на земјава, иако се работи за втората најголема европска економија. Преку бизнис – форуми и активности се прави обид да се промени сликата.

„Оваа активност е на барање на сите македонски компании, но и на компаниите со доминантен француски капитал, кои како инвеститори се присутни во нашата земја“,  изјави Јелисавета Георгиева, извршен директор на СКМ.

Медицината, текстилната и прехранбената индустрија се секторите каде што постои голем простор за позасилена економска соработка.

„Постои значителен простор за поголем извоз на македонски производи во Франција, особено од делот на сточарството, производството на органска храна, сирење и млечни производи,  јаболката и виното“, изјави Лоренс Оер, амбасадор на Франција во Р. Македонија.

Поинтензивната соработка е добредојдена, особено кога се работи за прехранбениот сектор, бидејќи европскиот и пазарите од регионот се клучни за успешен бизнис.

„Заради рокот на трање, одржувањето на квалитетот и продавањето  на производи во свежа состојба, ние треба да се насочиме кон домашниот и блиските пазари“, изјави Савка Димитрова, директор на фабрика за кондиторски производи.

Домашниот бизнис – сектор со внимание го следи развојот на настаните во Европа, особено што последните макроекономски показатели покажуваат дека членките на еврозоната закрепнуваат од кризата, но побавно од очекувањата.

Мартин Пушевски