Со новиот закон, 5.000 работни места за лицата со инвалидитет
Овие лица, дополнително, ќе имаат и можност за самовработување со капитал од 5.000 евра, а правните субјекти за адаптација на работното место ќе можат да добијат до 3.500 евра...

Нови 5.000 работни места за лицата со инвалидитет, од кои 1.700 во јавната администрација, се предвидуваат со новиот закон. Со квотниот систем - секој 35 - ти вработен да е лице со посебни потреби, ќе се надминат долгогодишни проблеми, сметаат од Сојузот на глувите на Македонија.
„Лицата потешко се вработуваа и не можеа да се створат услови за работа, со нередовни плати лицата остануваа дома“, изјави Васко Марков, претседател на Националниот сојуз на глуви и наглуви на Македонија.
Овие лица, дополнително, ќе имаат и можност за самовработување со капитал од 5.000 евра, а правните субјекти за адаптација на работното место ќе можат да добијат до 3.500 евра.
„Со воведувањето на квотниот систем за вработување на инвалиди, не само што ќе се подигне јавната свест за целокупното општество во Република Македонија, туку занчително ќе се подобри и пристапот на лицата со инвалидност до институциите, до приватниот сетктор, до сите дејности и области во земјава“, вели министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов.
Онаа компанија која нема да вработи лица со попреченост ќе треба да вложува средства во посебниот Фонд за лица со инвалидитет. Организацијата на работодавци бараат да се утврди точна квота на лица со посебни потреби. Од Сојузот на синдикати велат дека новите измени се чекор напред во унапредувањето на правата на инвалидите.
Лука Андреев
