Кошарка – АБА лига

Нов пораз на МЗТ Скопје Аеродром, четврти во серија

17.11.2014 23:26

Во неефикасен меч, почетокот беше во знакот на гостите кои поведоа со 0:4 благодарение на центарскиот тандем Јефтовиќ и Мајсторовиќ, а по 4 минути игра и со 2:11...

Кризата во МЗТ Скопје Аеродром продолжува. Наместо победа над Металац и прекинување на серијата 3 порази, ново разочарување против дебитантот во лигата со 58:64.  Во неефикасен меч, почетокот беше во знакот на гостите кои поведоа со 0:4 благодарение на центарскиот тандем Јефтовиќ и Мајсторовиќ, а по 4 минути игра и со 2:11. Цветковиќ и Класен од клупата придонесоа за исчекор во нападот па домаќинот намали на 10:13, но екс плејмејкерот на "штрковите" Оташевиќ со серија од 4 поени ја врати предноста за Металац на 13:18 докрајот на првиот период. На средина од вториот период нашиот тим дојде до првото израмнување 22:22 а главна опција во нападот беше Шеховиќ, кој до полувремето нанижа 8 поени. Двата тима во финишот погодија по две тројки, но сепак српскиот состав се избори за минимална предност 30:32.

По паузата Шеховиќ со тројка го донесе првото водство, а Маринковиќ со своите први поени зголеми на 35:32. Но, следуваше нов период на конфузна игра во која многу се грешеше на двете страни, што резултира со голем број промашувања при што МЗТ се снајде подобро и влезе со поен предност 44:43 во последниот период. Во него се играше тензично и неизвесно па екипите се менуваа во водство. Во егал завршница Стојановски погоди тројка на 2 ипол минути до крајот за 56:53 и кога се чинеше дека се пред победа, врати идентично Оташевиќ во следната акција.  Во последната минута Малешевиќ најпрвин со тројка ги доведе гостите од Ваљево во предност, по што следуваше драстичен пад во играта на МЗТ со неколку загубени топки кои беа казнети и со серија од 11:0 дојдоа до решавачка предност, за конечни 64:58.

Најефикасен и најдобар поединец беше Малешевиќ 23 со поени за трета победа едноподруго на Металац, а кај домашните Шеховиќ постигна 16 додека Стојановски го заврши мечот со 13 поени. Во следните две кола македонскиот претставник ќе игра на гостински терен, најпрвин против Игокеа во 9 коло, а во 10 против Унион Олимпија.