Најмалку четворица мртви во напад на синагога во Ерусалим
Двајцата напаѓачи им подлегнаа на повредите од полицијата која интервенираше откако влегле во синагогата. За сега не се знаат нивните мотиви, но Властите на Израел нападот го сметаат за терористички...

Во напад на синагога во Западен Ерусалим загинаа најмалку четворица еврејски верници, а десетина се повредени откако двајца палестински напаѓачи упаднаа на молитвата наоружени со секири, ножеви и пиштоли, соопштија израелските власти.
Лицата кои се здобиле со сериозни повреди се префлени во болница. Останатите верниците кои биле на молитвата се преплашени.
„Дојдовме на молитва. Наеднаш се слушнаа пукотници, најмалку пет или шест истрели. Сите истрчавме надвор. Потоа ја видовме полицијата која стигна десет минути подоцна“, изјави сведок на нападот.
Двајцата напаѓачи им подлегнаа на повредите од полицијата која интервенираше откако влегле во синагогата. За сега не се знаат нивните мотиви, но Властите на Израел нападот го сметаат за терористички. Се претпоставува дека и двајцата наоружени мажи биле од источен Ерусалим.
„Ова е тешко утро за сите нас, еден од најтешките инциденти. Луѓето беа среде молитва. Ова е ужасен масакар“, вели Ели Јишаи, пратеник во кнесетот.
Во Ерусалим со месеци трае тензијата, а се случија и неколку напади и киднапирања, вклучувајќи и терористички напади на пешации убиство на истакнат рабин. Напнатоста дополнително се зголеми по најавите на Израел дека ќе гради нови населби за доселеници во источен Ерусалим.
За немирите во градот, Израел и Палестина меѓусебно се обвинуваат. Палестинците го сакаат источен Ерусалим, кој Израел го зазеде во 70-тите години за главен град на нивната идна држава.
Маријана Димовска
