О’Нил: Грција не сака решение
Средбата во Њујорк минатата недела само уште еднаш покажа дека Владата на Грција не сака да го реши ова прашање, туку да го остави нерешено колку што е можно подолго...

Последната рунда разговори за името во Њујорк уште еднаш покажа дека Грција не сака решение, туку пролонгирање на спорот што е можно подолго. На медијацијата на Метју Нимиц треба да и се стави крај бидејќи е неуспешна, а спорот треба да се врати пред Генералното собрание на ОН, изјави првиот медијатор во грчко-македонскиот спор, амбасадорот Робин О’Нил за програмата „Гласот на народот“.
Средбата во Њујорк минатата недела само уште еднаш покажа дека Владата на Грција не сака да го реши ова прашање, туку да го остави нерешено колку што е можно подолго. Прво, бидејќи Грција признава дека единствено долгорочно решение е Македонија да биде меѓународно признаена под своето уставно име, Република Македонија, таа сака да го одолговлечи тоа колку што е можно подолго. Второ, секоја грчка влада се плаши од домашната политичка непопуларност доколку биде поразена во спорот за кој се бореше толку долго и покрај фактот дека употребата на уставното име од страна на Македонија уште од нејзината независност во ниту еден случај не ѝ нанела штета на Грција, ниту внатрешно во границите на Грција, ниту пак на меѓународно ниво. Мојот совет до Владата на Македонија е, да прифати дека процесот на преговори со Грција за изнаоѓање на „компромис“ никогаш нема да доведе до решение на проблемот. Затоа, сега таа би требало да води поактивна политика на меѓународно ниво, особено во Обединетите нации, нагласи О’Нил.
Во врска со Времената спогодба, тој оценува дека беше неуспешна поради, како што вели, лошите намери на Грција, но дека и медијацијата од страна на Метју Нимиц е, исто така, неуспешна.
