Кошарка – НБА

Нулата сеуште ги следи „76-те“!

18.11.2014 14:07

„Седумдесетишестките“ не може ниту да се надеваат дека ќе ја прекинат лошата серија, затоа што во десетиот натпревар гостуваа кај шампионот Сан Антонио којшто славеше со 100:75...

Филаделфија и натаму е единствената екипа без победа во НБА лигата. „Седумдесетишестките“ не може ниту да се надеваат дека ќе ја прекинат лошата серија, затоа што во десетиот натпревар гостуваа кај шампионот Сан Антонио којшто славеше со 100:75. Тренерот на „Спарс“ Грег Попович ја подели минутажата на 12-те кошаркари, ги поштеди најдобрите, па најефикасен беше Мет Бонер со 18 поени.

Со триумфот против Хјустон од 119:93, Мемфис остана единствената екипа со само еден пораз и е првата со двоцифрен број победи - 10. Сите домашни играчи постигнаа поени, најмногу Мајк Конли - 19.

Чикаго не знае за пораз на гости. Шестиот триумф го оствари во Лос Анџелес против  Кавалирс со 105:89. Одличен меч одигра Џими Батлер кој реализираше 22 поена, 8 асистенции и 6 скока.

Славејќи во Кливленд со 106:97, Денвер ја прекина низата од четири триумфи на „Кавалирс“. На 24-те поени Тај Лосон придодаде и 12 асистенции, ефикасно го следеше и Арон Афлало со поен помалку.  

Триумфот на Далас кај Шарлот со 107:80 ќе биде забележан по постигнувањето на Дирк Новицки. Со 13-те коша, Германецот стана третиот играч во историјата кој за еден клуб уфрлил 27.000 поени со што им се придружи на Мајкл Џордан од Чикаго, Карл Мелоун од Јута и актуелниот кошаркар на Лејкерс, Коби Брајант.

Во преостанатите четири ноќешни натпревари: Бостон - Феникс 114:118, Бруклин - Мајами 83:95, Детроит - Орландо 93:107 и Портланд - Њу Орлеанс 102:93.