Промовирана книгата „Запознавање со минатото, археологија за деца“

18.11.2014 14:10

Како што рече министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска промовирајќи ја книгата, оваа необична музејска читанка, не само децата, туку и возрасните ги води на едно далечно и возбудливо патување...

Во Археолошкииот музеј на Македонија денеска е промовирана книгата „Запознавање со минатото, археологија за деца“ од Анета Фиданоска. 
 
Изданието содржи 12 теми, а преку впечатливите илустрации на Боркица Арсевска и раскажувачката способност на Фиданоска се претставени Големата мајка од Тумба - Маџари, наколната населба Заливот на коските кај Градиште, златната маска и златните предмети од Горна Порта, мозаиците од Хераклеа, крстилницата од Стоби, турската бања Даут пашин амам,...
 
Како што рече министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска промовирајќи ја книгата, оваа необична музејска читанка, не само децата, туку и возрасните ги води на едно далечно и возбудливо патување.
 
Велат дека за успешно градење на иднината основен предуслов е да се познава минатото. Децата се нашата иднина и затоа од најрана возраст мораме кај нив да ја развиеме свеста за потребата од познавање, почитување и негување на културното наследство. Денес во светот се повеќе се обрнува внимание на збогатувањето на едукацијата за минатото на човекот, древните култури, нивните обичаи, навики, верувања, истакна Канческа-Милевска.
 
Според неа, четивото на Фиданоска ги расветлува мистичните длабочини на македонската историја во кои се пронајдени бројни артефакти, материјални траги и докази кои зборуваат за цивилизациите што опстојувале на нашето тло.