Македонија де факто е членка на НАТО, пречка е грчката блокада
Македонија де факто е членка на НАТО, но грчката блокада е причина тоа да се валоризира. Атина го крши меѓународното право и без аргументи одбегнува дијалог, вели шефот на дипломатијата Попоски. Екс претседателот на Генералното собрание на светската организација Срѓан Керим смета дека е потребен посилен притисок од кон Грција од САД, Германија и од Франција за решавање на спорот...

Приемот на Македонија во НАТО ќе даде нов импулс во регионот и ќе биде најдобар аргумент за кредибилитетот на Алијансата, смета шефот на дипломатијата Никола Попоски. Очигледно е дека Грција не е посветена на разговорите околу името и се служи со уцени, што покажува и последната изјава на министерот за надворешни Венизелос дека тие направиле доволно отстапки. Неприфатливо е вели, една земја членка на НАТО да го крши меѓународното право.
„Наједноставната дефиниција на ваквиот пристап е фрлање магла и избегнување одговорност за немањето на желба да се надмине наметнатиот спор“, смета министерот за надворешни работи, Никола Попоски.
Стоиме пред црвен сигнал и на двата колосека, но за да се отвори Македонија врз основа на државните интереси со активна политика треба да лобира во НАТО и во Европската Унија, вели поранешниот претседател на Генералното собрание на Обединетите Нации, Срѓан Керим. Смета дека е потребна поактивна улога на САД, Германија и на Франција во притисокот кон Грција.
„Треба нашите активности да ги ставиме во тој дел дека и тие се одговорни за ова што се случува, зашто тоа се заклучоци на НАТО и на ЕУ, кои се конкретно поврзани со пречката што и е поставена на Македонија. Според тоа, за да се симнат тие заклучоци не доволно само Македонија и Грција да се договорат“, нагласува Керим.
Министерството за одбрана има стратегија за натамошните чекори за нашето евроатлантско интегрирање, вели министерот за одбрана Јолевски. Продолжуваме со учеството и во новата мисија на НАТО во Авганистан-решителна поддршка.
„Докажуваме дека Република Македонија заслужува да биде дел од евроатлантското семејство, дека Македонија де факто е членка на НАТО бидејќи ние придонесуваме во најзначајната мисија на НАТО, ИСАФ“, изјави министерот за одбрана, Зоран Јолевски.
Македонските граѓани во висок процент го поддржуваат членството во НАТО и во Европската Унија, покажала анкетата на Факултетот за безбедност, спроведена пред самитот во Велс на илјада 167 испитаници.
68 насто од граѓаните се изјасниле за членство на Република Македонија во ЕУ,додека 32 проценти не го поддржуваат членството.И натаму е висок процентот на граѓани кои се за членство на Република Македонија во Северноатлантската алијанса.Тој процент е 81.19 насто се изјасниле дека Македонија не треба да биде членка на НАТО.
Милчо Велески
