Поголема побарувачка за дозволи за транспортерите
Од оваа година за ЦЕМТ дозволи се исклучени Еуро 4 возилата. Со распределбата по електронски пат се отфрлува човеков фактор, но и можноста за корупција. Превозниците задоволни од олеснетата процедура, но сепак се бара дозвола повеќе...

Се подобрува возниот парк на транспортерите во Македонија. 1.220 ЦЕМТ дозволи за возила со Еуро 5 и 204 за возила со Еуро 6 стандарди, беа доделени на електронската распределба на 455 фирми за транспорт.
Од оваа година за ЦЕМТ дозволи се исклучени Еуро 4 возилата. Со распределбата по електронски пат се отфрлува човеков фактор, но и можноста за корупција. Превозниците задоволни од олеснетата процедура, но сепак се бара дозвола повеќе.
„Активноста на работа беше намалена пет години. Имавме еден хендикеп, кадешто немавме извози од Македонија и беше потешко да се стигне до европските држави. А сега, последниве две години се зголемува извозот од Македонија, што дава можност и на билатерална основа да се работи и ќе дојде до изедначување на сите оние проблеми“, вели Билјана Муратовска, од Макам Транс.
Од наредната година најверојатно ќе има 5 пати помалку дозволи за превоз во Русија, поради ембаргото од украинската криза. Решението се бара во поединечните дозволи и во либерализацијата на билатералниот транспорт.
„Во изминатиот период остваривме целосна либерализација на превоз со Чешка, Словачка, Велика Британија, Швајцарија, Унгарија, Босна, а оваа година обезбедивме дополнителни дозволи за Италија, Романија, Турција, Австрија, Србија, Литванија и други земји“, изјави министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески.
Се зголемува и побарувачката. Конкурирале 100 фирми повеќе од лани. Засилена контрола на дозволите на странските превозници, само еден здравствен преглед на возачот, зелена лента на царините за свежа роба се дел од новите мерки за олеснување на работата на превозниците.
Лука Андреев
