Прилепчани се збогуваа со Дениса
Денеска во Прилеп беше погребана Дениса Маркоска. Вчера добиените резултати уште еднаш потврдија дека телото донесено од Грција е на Дениса. 68 дневната неизвесност, од вчера е заменета само со болка и плач од најблиските на младата девојка...

Семејството, роднините и другарите, денеска во Прилеп се збогуваа со 23 годишната Дениса Маркоска. Нејзиното тело синоќа беше донесено во нејзиниот дом од Институтот за судска медицина во Скопје, кој потврди дека телото донесено од Грција е она на Дениса. Во шок никој не сакаше јавно да зборува, само плач и голем лелек се слушаше денеска на улицата „Мариовска“ во Прилеп. После 68 поминати дена во вистинска голгота и неизвесност, откако на 12 септември исчезна Дениса од бродот Серенисима во Грција, семејството вчера ја доби конечната и трагична вест, дека нивната ќерка е мртва. Тие претходно бараа нова обдукција кај нас и нова споредба на ДНК материјалите бидејќи се сомневаа во оние од Грција. Но и покрај се сепак целиот случај сеуште е обвиткан во голема мистерија.
Неофицијално од наши извори во Институтот за судка медицина во Скопје дознаваме дека телото било во крајна фаза на распаѓање и воопшто не можеле да се утврдат причините за смртта. Со тоа целиот случај се обвива во уште поглема мистерија, од што и како починала Дениса во Грција.
Ниту грчките власти се немаат изјаснето од што настапила смртта кај Дениса, иако и тие извршија обдукција. Во нивното соопштение кое го пратиле стои само дека станува збор за непозната природна смрт. Сомнежи за целиот случај имаше уште од самиот почеток. Зошто ја нема сим картичката од нејзиниот телефон, зошто капетанот дозволил бродот да плови уште 3 часа до Крит иако знаеле дека Дениса ја нема на бродот, и зошто на еден таков елитен брод за крстарење камерите снимале само во реално време, а не архивирале никакви податоци. Допрва грчките власти треба да се изјаснат дали за случајот ќе отворат истрага за сомневање за убиство, дали ќе го прогласат за самоубиство или тој ќе биде затворен како несреќа. Дениса денеска беше погребана на новите градски гробишта во Прилеп.
Дарко Штаргоски
