Нападот врз синагогата во Ерусалим, најава за нова војна меѓу Израелците и Палестинците?

18.11.2014 16:06

Тензиите поради оживувањето на стариот спор за светиот рид на кој право полагаат и Муслиманите и Евреите ескалираа со повеќе убиства на случајни минувачи и судири на Палестинците со полицијата. Израелците со бетонски блокови се делат од соседите – полицијата ја отсече населбата на напаѓачите. Премиерот Нетанјаху порача –силно ќе одговориме.

Градот во оган, храмовите во крв – ова станува секојдневие во поделеното светилиште, место на три религии. Не стивнуваат реакциите и шокот во светот како дојде до тоа Палестинците да колат случајни Евреи во време кога повеќе западни земји размислуваат за признавање на палестинската држава, а дури и за можни санкции против Израел.

„Луѓе што дошле пред Бога, во синагогата, беа искасапени со секира во чин на чист терор и бесмислена бруталност. Го повикувам палестинското раководствo за најсилна осуда на секое ниво. Нема место за насилство“, рече Џон Кери, државен секретар на САД.

Кабинетот на палестинскиот претседател писмено ги осуди убиства на цивили. Сепак, претходно умерената Фатах на Абас застана зад неодамнешниот коалициски партнер, милитантниот Хамас и Народниот фронт за ослободување на Палестина, кој ја презеде одговорноста за убиството на четворицата Евреи, од американско и британско потекло.

„Ова е природен резултат на израелската провокација, на сквернавењето на светите места, христијански и муслимански, во Ерусалим и надвор од него. Предупредувавме на внесувањето на религијата како елемент на конфликт во регионот“, рече Абдула Абдула, претставник на Фатах.

Тензиите поради оживувањето на стариот спор за светиот рид на кој право полагаат и Муслиманите и Евреите ескалираа со повеќе убиства на случајни минувачи и судири на Палестинците со полицијата. Израелците со бетонски блокови се делат од соседите – полицијата ја отсече населбата на напаѓачите. Премиерот Нетанјаху порача –силно ќе одговориме.

„Едно човечко суштество не влегува во синагога со месарски нож за да ги заколе тие што се молат. Терористите што го напаѓаат Ерусалим не се човечки суштества“, изјави Нир Баркат, градоначалник на Ерусалим.

По повеќенеделната војна меѓу Израел и Газа, на повидок е можеби нова. Додека во Западниот брег Палестинците се судираа со израелската полиција, во Газа под зелени знамиња, жителите го славеа убиството на Евреите.