Следниот месец ќе се знае дали ќе има државен испит на универзитетите

18.11.2014 16:38

Кон средината на декември ќе се знае дали ќе се воведе оценувањето за студентите и по кој модел ќе се реализира. Според министерот Aдеми оваа реформа нема да ја наруши автономијата на универзитетите ниту ќе биде товар за студентите...

Нејасно е вели Aдеми зошто студентите протестираа кога нема конечна одлука за тоа дали ќе има екстерно или друг модел на тестирање. Вели доколку тоа се случи ќе биде на транспарентен начин. Протестите се легитимно и демократско право на секој граѓанин, но ресорниот министер се сомнева дека некој друг стои во позадина.

„Подготвив одговор на писмото но, за жал, не можам да го доставам зашто во писмото нема ни име ни адреса. Деновиве очекувам да добијам име на организаторот и адреса, за да им пратам одговор, а ако не добијам, тогаш јавно ќе одговорам преку средствата за јавно информирање“, вели министерот за образование и наука, Абдилаќим Адеми.

На Универзитетите има студенти кои воопшто не посетуваат настава, а добиваат оценка наспроти оние што навистина учат за знаење. Според професорот Ацевски, оваа новина ќе треба да открие какво знаење поседуваат студентите и на овој начин  ќе се пронајдат црните дамки во виското образование.

Ќе ги исфрли на површина дипломите, ќе покаже кој факултет навистина работи, ќе ги рангира сами по себе тие проблеми и за две три години ќе имаме едно поквалитетно високо образование“, изјави универзитетскиот професор Илија Ацевски.

Вчера студенти протестираа против идејата за воведување екстерно тестирање. Според надлежните оваа реформа треба да го подигне квалитетот на високото образование затоа што, анализите покажале дека на некои универзитети, посебно на приватните се поминува лесно, без студентите да учат и да се стекнат со знаење.

 

Викторија Тодоровска