Тетово со сет мерки за намалување на загаденоста на воздухот
Општина Тетово излезе со мерки против загадувањето на воздухот. Во план е и воведување јавен превоз за да се намали употребата на возила. Тетовци бараат овие мерки практично да се спроведат.

Воведување режим во сообраќајот за тешки товарни возила, редовно миење на улиците, засилени инспекциски контроли. Ова се само дел од мерките кои ги предложи тетовската локална самоуправа за да се намали загадувањето на воздухот.
Градоначалникот Арифи побара и Владата да ја преиспита одлуката со која на Југохром му се дава дополнително време за воведување на еколошките стандарди.
„Миење на градските улици и додавање на магнезиум, калциум и ацетат со цел намалување на присуството на ПМ 10 честичките, засилен инспекциски надзор од страна на секторот за инспекциски надзор, миење на улиците особено во делот кај градилиштата, ограничување на времето за дотур на роба со моторни возила кои имаат дозвола за дотур до 8 часот“, изјави Теута Арифи, градоначалник на општина Тетово.
Советот го усвои и предлогот за формирање јавни претпријатија за јавен превоз и јавни паркиралишта. Со тоа се очекува да се намали користењето автомобили. Се смета дека сообраќајот е еден од главните загадувачи.
„Добро е што се превземаат такви мерки, беше време. Целиот смет се собира и се носи кај Жито Полог и таму се пали, не е загадувач само Југохром. По два – три дена месечно да не се возат возилата“, велат жители на Тетово.
И денеска концентрацијата на ПМ 10 честички беше висока. Околу пладне беа измерени над 250 микрограми на метар кубен, а дозволени се максимум 50.
Зоран Јованоски
