ВМРО-ДПМНЕ го повика Заев јавно да ја обелодени „бомбата“

18.11.2014 17:10

Со уцени и притисоци и со непринципиелен и неодговорен пристап не се постигнува ништо и ние велат од ВМРО-ДПМНЕ ќе го докажаме тоа...

Лидерот на СДСМ јавно нека ја обелодени содржината на бомбата - ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение го повика Заев да го објави она што веќе подолг временски период опозицијата го најавува   како некаква бомба, изненадувања, пумпа атмосфера и креира некоја лажна еуфорија за сопственото членство.

„ВМРО-ДПМНЕ е подготвена за сите можни сценарија, свесни за сопствените вредности и принципи и водени од интересите на државата и нашите граѓани. ВМРО-ДПМНЕ  никогаш досега, а ниту во иднина нема да подлегне на притисоци и уцени и вакви сценарија, без разлика од кого доаѓаат“, се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.

Со уцени и притисоци и со непринципиелен и неодговорен пристап не се постигнува ништо и ние велат од ВМРО-ДПМНЕ ќе го докажаме тоа.

Таа бомба, според нив, ќе треба за 3 дена да ја натера владата со наведната глава да се повлече, таа бомба задирала во меѓуетничките односи и во којзнае уште што, таа бомба можела да наштети  на државата, но сепак тие, иако не сакале, ќе ја активирале, таа бомба била многу опасна, па имаше и разни шпекулации што се содржи таа бомба, па нагаѓање, со цел кај јавноста да се создаде  свесност и исчекување на темите кои опозицијата сака да ги наметне.

„ВМРО-ДПМНЕ останува посветена на изборните ветувања а што се однесува до СДСМ тие можат слободно да прават буквално како што сметаат како што треба, но ние не  веруваме дека на тој начин ќе ја имаат довербата кај граѓаните“, се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.

Лидерот на СДСМ пред повеќе од еден месец ја најави бомбата без досега да обелодени за какви информации станува збор. Одговор од него бара и пратеничкиот тим но единствениот одговор  бил дека ќе дознаат кога ќе дојде вистинското време и дека тоа е дел од стратегијата .

Виолета Димовска