Производите од животинско потекло на македонскиот пазар се безбедни
Употребата на ветеринарно-медицинските препарати во лекувањето на животните и нивното влијание врз храната и здравјето на луѓето се темата на која во Охрид дискутираат експерти од 32 држави од регионот, Европската Унија и Светската организација за здравствена заштита на животните. Македонија ги унапредува политиките и законодавството во однос на ветеринарно- медицинските препораки поради што месните производи на пазарот се безбедни...

Дури 60 проценти од хуманите патогени заболувања отпаѓаат на зоонозите, односно болестите што се пренесуваат од луѓето на животните и обратно. Експертите бараат начини како населението да се заштити од тие болести, а особено внимание им се посветува на свинската чума, шапот, туберкулозата, синиот јазик, бруцелозата и беснилото.
„Во однос на сите болести се работи да се најдат вакцини и биопрепарати кои што ќе помогнат да не се пренесуваат болестите од животните на луѓето. Таков е примерот со африканската чума која предизвика угинување на стотици илјади животни. Поради тоа дел од нашата програма е насочен кон спречување на оваа болест“, изјави Никола Белев, регионален претставник на Светската организација за здравствена заштита на животните.
Редовните контроли на инспекциските служби и правилното користење на медицинските препарати придонесе за искоренување на болеста син јазик во Македонија.
„Болеста е сузбиена. Моментално се прави проценка на угинатите животни, но ние нормално ги следиме ситуациите во сите жаришта кои досега ги имаше. Нови заболени и нови угинати нема“, вели Зоран Поповски, директор на Агенцијата за храна и ветеринарство.
Производите од животинско потекло на македонскиот пазар се безбедни, рече Поповски, бидеќи за секој производ што се увезува државата добива ветеринарен сертификат, а месните производи редовно се контролираат од Агенцијата за храна и ветеринарство.
Сашо Нелоски
