По обилните долждови, поплавени делови во Кумановско

19.11.2014 13:06

Поради излевање на реките поплавени се домови во неколку населби. Повисоко е нивото на водата и во реката Вардар...

Метеоролозите предупредуваат врнежите ќе продолжат и во попладневните часови. По обилните дождови најкритично е во Kуманово.

Поради излевање на реките поплавени се домови во неколку населби. Повисоко е нивото на водата и во реката Вардар.

Излеани се реките Липковска, Којнарска и Кумановка и поплавени се земјоделски површини, подрумски простории и домови. 

Дирекцијата за заштита и спасување денеска соопшти дека поради излевање на Липковска река поплавен е дел од паркинг со возила и пешачки патеки кои служат за пристап до станбени објекти кај локалитетот Водовод. Поплавена е и фарма каде засега не може да се интервенира бидејќи сопственикот е недостапен. Липковска река е излеана и во населбата Средорек каде се поплавени две куќи.

Излеана е и Којнарска река при што се поплавени 15 куќи на улицата „Никола Тесла“ и земјоделски површини кај селото Долно Којнаре.

Кај селото Доброшане излеана е Кумановска река при што е поплавена една куќа, а има прекин и на локалниот пат на потегот од село Доброшане до село Шупљи камен. Во моментот со машини се работи на оспособување на овој патен правец. Кај селото Лопате - Ропаљски Дол има излевање на реката Луга и поплавени се две штали и трактор.

На терен работат екипи од кумановските јавни претпријатија, а од Дирекцијата за заштита и спасување доставени се над 1.000 вреќи со песок и една машина која ќе биде употребена за санирање на оние места каде е неопходно.