Пуштено во употреба повеќенаменско спортско игралиште во Реонски центар „Аеродром“
Ова е дел од проектот „100 повеќенаменски игралишта“ како инвестиција на Владата на Република Македонија, а исто така и Општина Аеродром до сега има изградено повеќе од 20 вакви повеќенаменски спортски игралишта...

На симболичен начин со шут кон голот градоначалникот на Општина Аеродром, Ивица Коневски, министерката за култура, Елизабета Канческа-Милевска и директорот на Агенцијата за млади и спорт, Марјан Спасески, го означија официјалното пуштање во употреба на новото повеќенаменско спортско игралиште наменето за граѓаните на Реонски центар „Аеродром“.
Ова е дел од проектот „100 повеќенаменски игралишта“ како инвестиција на Владата на Република Македонија, а исто така и Општина Аеродром до сега има изградено повеќе од 20 вакви повеќенаменски спортски игралишта.
„Сите игралишта во Општина Аеродром граѓаните можат да го користат бесплатно. Општината ќе продолжи да гради вакви спортски терени на сите оние места каде што недостасуваат сè со цел жителите на општината да имаат каде да спортуваат“, изјави градоначалникот Коневски.
На конкретново спортското игралиште ќе може да се игра ракомет, фудбал и кошарка. Вкупната површина на повеќенаменското игралиште заедно со обиколната патека изнесува 1.300 квадратни метри и содржи два гола за мал фудбал и ракомет, како и четири коша.
Министерката за култура потенцираше дека овој проект ја демонстрира грижата на Владата за развојот и популаризацијата на спортот кај младите и нивно насочување кон позитивните вредности.
Игралиштето е оградено со транспарентна жичана ограда висока шест метри и е целосно осветлено за да може рекреативно да се користи и во вечерните часови.
Исто така, предвиден е паркинг-простор за околу 20 возила, а дворот на училиштето е партерно уреден со пешачки патеки, клупи за седење и канти за отпадоци, како и тревници, цвеќиња и друг вид хортикултурно уредување поврзано со автоматски систем за наводнување.
На тој начин училиштето доби уреден и современ изглед, а учениците можност да го развиваат спортскиот дух, а тоа е многу важно, зашто спортот ги зближува луѓето, нагласи директорот на Агенцијата, Марјан Спасески.
