Секојдневно се зголемува бројот на граѓани болни од ХОББ
Според СЗО, ХОББ најмногу е застапена во земјите со пушачки навики. Ова болест е трета водечка причина за смрт во светот, веднаш после срцевиот и мозмочниот удар...

Кашлица, стегање на градите, замор, ова се симптомите со кои се открива хроничната опструктивна белодробна болест (ХОББ). Од неа годишно умираат три милиони луѓе.
Под мотото „Не е предоцна“ и со бесплатни прегледи Институот за белодробни заболувања и туберкулоза, денеска го одбрележа Светскиот ден на ХОББ.
„Обично кашлам навечер и наутро, слушнав на радио дека ќе има прегледи и дојдов, да се прегледам, да видам“, вели еден случајно анкетиран граѓанин.
Според СЗО, ХОББ најмногу е застапена во земјите со пушачки навики. Ова болест е трета водечка причина за смрт во светот, веднаш после срцевиот и мозмочниот удар.
„И Македонија влегува во земјите каде ХОББ бележи постојан подем, меѓутоа во Македонија немаме официјален регистар за ова заболување, така што не можам да ги кажам официјалните бројки. Околу 100 илјади од населението боледува од оваа болест и можам да потврдам дека постојано секојдневно се зголемува нивниот број“, вели директорката на Клиниката за пулмологија, д-р Бисерка Ќаева.
Ризикот од ХОББ се зголемува со должината на пушачкиот стаж и бројот на испушени цигари. Околу 85 до 90% од смртните случаи се како последица од долготрајно пушење.
Сунчица Николовска
