Претседателот Иванов на Спортски бон-тон во Ново Село
Струмичко Ново Село домаќин на деца љубители на спортот од повеќе места низ Македонија. Тие се дружат и играат заедно со децата со посебни потреби- се ова се случува во пресрет на меѓународниот ден на детето како дел од програмата спортски бон-тон под покровителство на претседателот Иванов...

„Тренирам фудбал и омилен спорт ми е фудбалот.“
„Навивам за Барселона и сакам да бидам како Меси.“
„Јас навивам за Реал Мадрид и сакам да сум добар голман како Касиљас“, велат анкетираните деца.
Вака стотината деца од Охрид, Велес, Свети Николе, Маврово и Ростуше, Карпош и домаќините од Ново Село, низ игра ги развиваа тактичките мајстории за да станат светски познати спортисти. Како дел од програмата Спортски бон тон, децата ги учеа и традиционалните игри кои се автентични за Ново село. Сакаат да играат и децата од Основното училиште за лица со посебни потреби. И за нив организаторите подготвиле адаптирана програма.
„Понатаму институционално да прерасне во програма која ќе се работи во регуларното образование во Република Македонија“, вели Иван Анастасовски, организатор на Спортски бон тон.
Покровител на проектот е Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов. Во пресрет на Меѓународниот ден на детето, Иванов ги посети учениците од школото за посебни потреби. Заеднички со вработените, и родителите ќе бараат подобрување на условите за овие деца.
„Има иницијатива од родителите да постои можност тие да го продолжат образованието. Да има паралелка и за средно образование во Ново село, за учениците да не патуваат о да го продолжат образованието“, изјави Ѓорге Иванов, претседател на Република Македонија.
Инаку, целта на Спортскиот бонтон е интегрирање на децата од школска возраст во системот на спортуваење, играње и меѓусебно запознавање преку традиционални игри.
Катерина Давчева
