Институциите ќе испитуваат дали е злоупотребен извозот на рускиот пазар
Владата им даде рок од два дена на надлежните институции да утврдат дали бил злоупотребен извозот на рускиот пазар. Домашниот бизнис – сектор нема сознанија дека некоја компанија се обидела да го изигра руското ембарго за ЕУ. Сепак, доколку се потврдат сомнежите на Москва за реекспорт, властите во земјава најавуваат и кривични пријави...

Владата даде конкретни насоки, а надлежните државни институции имаат рок од само два дена да одговорат дали некоја домашна компанија правела реекспорт на европски стоки преку Македонија за Русија.
„Ќе биде вклучено МВР, Царинската управа, земјоделскиот инспекторат , и Агенцијата за храна и ветеринарство“, рече Беким Незири, министер за економија.
Тамошната Роселхонадзор се сомнева, но македонските бизнис асоцијации уверуваат дека немаат такви сознанија. Испораките течат и нема промена во структурата на извозот.
„Нема промени. Континуирано се извезуваат праски, јаболки, компир, зелка и други продукти, кои реално се произвердуваат во Република Македонија. Имаме зголемување во однос на количината, а со тоа и на сумата на извозот и сметаме дека тоа е нормално“, рече Дејан Бешлиев, директор на „Македонско-руска стопанска комора“.
Рускиот пазар е навистина голем, но и сложен за работа, вели Бешлиев и затоа Македонија се насочи кон соработка со одредени руски региони каде реално можеме да ги пласираме нашите производи. Предност имаат македонското овошје и зеленчук, но тој потенцијал досега не го користевме доволно. Македонија е во групата од 25 земји кои имаат преференцијален статус во трговијата со руската федерација. Подолго време бараме да се промени листата на производи, да влезе виното, а да се исфрли кожата која порано доминираше во извозот, но тоа оди бавно и потребно е усогласување и со другите членки на царинската унија Казахстан и Белорусија.
Трговска размена Македонија-Русија I-IX 2014
во милиони долари
извоз 17,7
увоз 57
дефицит 39,3
Во извозот доминираат: лекови, машински производи, зеленчук, овошје и вино, а во увозот енергентите.
Свето Николовски
