Средното богословско училиште и факултетот со финансиски проблеми
Во средното училиште плата за вработените има, но, училниците им се студенти. Црковни извори тврдат дека проблемот ќе биде решен преку донации во најскоро време...

Богословското средно училиште и Богословскиот факултет мака мачат со финансиите и нафтата за греење. Информацијата ја потврдуваат во синодот на МПЦ. Во средното училиште плата за вработените има, но, училниците им се студенти. Црковни извори тврдат дека проблемот ќе биде решен преку донации во најскоро време.
Богословскиот факултет пак одреден период едвај врзува крај со крај со парите за плата на вработените и финансиите за нормално функционирање.
Професори брифираат дека плата земаат на два до три месеци, по што ги добиваат сите заостанати плати. Овој факултет е делумно под државна капа, а добиените финансии не ги покривале трошоците за целосно функционирање на оваа високо образовна институција.
Епархиите од Макеоднската православна црква од своите приходи одвојуваат по два проценти кои одат на сметката на средното Богословско училиште и на Богословскиот факултет. Но, сепак овие пари не се доволни за целосно финансирање на овие институции.
Деканот на факултетот Александар Гиревски е сепак оптимист дека во најскоро време проблемот со финансиите и греењето на факултетот ќе бидат надминати. Синодот на последната седница разговарал на оваа тема со цел проблемите да се надминат, а ја разгледувал можноста средното богословско училиште и факултетот целосно да бидат интегрирани во образовниот систем.
Македонските владици се незадоволни и од несоодветниот третман во училиштата на предметот Етика на религиите.
Миле Ристески
