Балканот под вода
Големото невреме со електрични празнења што го зафати Балканот, крена големи бранови на Јадранското море, каде што во повеќе пристаништа е запрен поморскиот сообраќај. Штетите допрва ќе се утврдуваат...

Балканот повторно на удар на надојдената вода. Сликите од големата поплава во Србија и Босна и Херцеговина се повторуваат, овојпат во Албанија и се смртоносни. Во Лач, северозападно од Тирана, поплавниот бран предизвика семејна трагедија. Се удавија 60-годишен човек и неговата 26-годишна ќерка. Таткото бил најден заглавен во автомобилот од каде што телото го извлекле пожарникарите, а девојката неколку километри подолу по течението. Телото на 21-годишен мотоциклист е најдено во надојдената вода во Лач, а неговиот другар е спасен, кога реката го урнала мостот по кој поминувале. Војската се вклучи во евакуацијата пред природната стихија, но малку е веројатно дека ќе се избегне хуманитарната катастрофа.
„Одненадеж водата влезе во куќата. Ги качив децата на печката бидејќи немав каде да бегам. Не ми остана ништо. Барем ги спасив децата. Не ми е грижа за друго“, рече жител на Лач.
Невремето за само два часа истурило над Албанија 130 милиметри дожд на квадратен метар. Најтешко било во Лач и во Леже, каде што во текот на ноќта снемало струја. Во Тирана, Драч и Скадар, улиците се претвориле во реки, вода избивала од канализацијата.
„Ако не сме сигурни за квалитетот на водата, големи делови од Тирана ќе останат без вода за пиење“, изјави Ено Боздо, градоначалник на Тирана
Лошото време не ја поштеди ни Србија. Поток го проби бедемот и направи езеро во Бујановачка Бања. Поплавени се патот и 10-тина домови, едно семејство е евакуирано. Жителите се револтирани од штетата што ја претрпуваат секоја година.
„Секогаш кога врне носи вакви поплави. Вака е со години“, вели жител на Србија.
Големото невреме со електрични празнења што го зафати Балканот, крена големи бранови на Јадранското море, каде што во повеќе пристаништа е запрен поморскиот сообраќај. Штетите допрва ќе се утврдуваат, но втората голема поплава потврдува дека ваквите временски услови веќе стануваат правило во регионов и ќе се повторуваат во иднина.
Ивана Салтировска
