Обама- Наумовски: Продолжува соработката и поддршката на САД и Македонија
Соединетите Американски Држави и Република Македонија ќе продолжат со соработката во политиката, економијата и одбраната. Ова било истакнато од страна на американскиот претседател Барак Обама при приемот на новиот македонски амбасадор Васко Наумовски во Белата куќа на 18-ти ноември...

Соработката меѓу двете земји и поддршката на Соединетите Американски Држави за Македонија ќе продолжат и во иднина, изјавил американскиот претседател Барак Обама на приемот на новиот македонски амбасадор Васко Наумовски во Белата куќа. Наумовски беше примен во Белата куќа по само две недели од пристигнувањето, за разлика од неговите претходници коишто чекаа и по неколку месеци за да официјално станат амбасадори во САД.
„Во краткиот разговор што го имавме беше искажана обостраната заложба за проширување на соработката помеѓу двете држави во повеќе области. Ја искористивме оваа можност да се заблагодариме за поддршката што Соединетите Американски Држави ја даваат на Република Македонија во изминатите 20 години. И од американска и од македонска страна беше истакната заложба за проширување на заемната соработка во областа на политиката, економијата, одбраната и повеќе други области“, изјави амбасадорот на Република Македонија во САД, Васко Наумовски.
Наумовски ја презеде функцијата амбасадор на Република Македонија во Соединетите Американски Држави и македонски претставник во разговорите за разликата за името во рамките на Обединетите нации. Амбасадорот Наумовски е првиот македонски претставник назначен за време на мандатот на американскиот претседател Барак Обама.
Наумовски е петтиот по ред македонски амбасадор во Соединетите Американски Држави.
Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ
