Предизвикана голема материјална штета од поплавите во Куманово

20.11.2014 10:46

Поројниот дожд предизвика зголемување на нивото на реките. Како по правило, први настрадаа жителите на Куманово, чии куќи ги поплавија водите на реките Којнарка и Липковка. Предизвикана е голема материјална штета, но за среќа нема жртви...

Кал, тиња, лоша ареа... Поплавени домови, уништени домаќинства... Најпогодена е населбата Средорек .

За само два часа реката Липковка ги загрози имотите на жителите од околните куќи.

Овде жителите мака мачат поради катастрофата предизвикана од надојдените води на Липковка и Коњарка.

„Часот беше два ипол кога се случи ова, кога најдоде водата, не знаевме каде да одиме со мали дечиња... избегавме надвор.“

 „Зимницата што ја чував, дрвата за огрев, сѐ е поплавено... катастрофа. Купатилото долу, дворот е полавен, сега како што гледате се повлекува водата“, велат жителите чии куќи настрадаа од надојдената вода.

Но, не се оставени сами на себе. Дирекцијата за заштита и спасување интервенираше со испумпување на водата. Се превенираше. Илјади вреќи песок се поставени на  критичните точки ама и насекаде пред домовите.

„Сега за сега е под контрола, ние сме на лице место, имаме уште вреќи со песок обезбедени, подготвени сме да реагираме и се надеваме дека нема да дојде повторно до излевање на реката Липковка“, изјави Драган Димковиќ, раководител на подрачната единица Куманово при Дирекцијата за заштита и спасување.

Проблемот на жителите на Куманово им се повторува, велат особено поради изложеноста помеѓу двете реки сѐ до слевањето во Кумановка.

„Секоја година се соочуваме со исти проблеми, мислам дека надлежните и општината треба преземат мерки да го отстранат овој проблем“, вели жител на Куманово.

Водата е повлечена ама кумановчени не ќе можат да преспијат во своите домови. Повеќето од нив ќе заминат кај роднините за да се засолнат додека не се средат состојбите.

 

Фиљана Кока