Кошарка
МЗТ Скопје падна и пред Кожув, Работнички како “казнена експедиција“
20.11.2014 11:46
Околу 2.000 гледачи во спортската сала “26 април“ уживаа во еден од најнеизвесните и најквалитетни натпревари сезонава, во кој имаше голем број пресврти, блескави потези но и моменти на слабост...

Во дерби натпреварот од 6 коло во првата кошаркарска лига, екипата на Кожув славеше над МЗТ Скопје Аеродром со 73 : 64. Околу 2.000 гледачи во спортската сала “26 април“ уживаа во еден од најнеизвесните и најквалитетни натпревари сезонава, во кој имаше голем број пресврти, блескави потези но и моменти на слабост. Почетокот го одбележа плејмејкерот Диксон кој ги постигна сите поени за гостите при водството од 4 : 8. Во неефикасниот прв период домашните фатија приклучок и израмнија а во три наврати и поведоа, но со 5 поени во серија ан Лучиќ, МЗТ ги доби првите 10 минути 12 : 15. Вториот период резултира со поголем број поени на двете страни, а по израмнетите 5 минути МЗТ Скопје направи серија од 8 : 0 а потоа ја оствари највисоката предност 27 : 36, која беше сведена на 3 поени благодарение на одличната игра на Брчков и Албијаниќ во завршните 2 минути пред полувремето.
Гостите одново имаа солидна предност на средина од третиот период 34 : 41, но одново Кожув фати приклучок, најпрвин со двете тројки на Јанушевиќ во серијата 8 : 0 која до крајот на четвртината ја преточија во водство од 54 : 51. Во последните 10 минути беше тензично и неизвесно, но домаќините не ја испуштаа предноста која изнесуваше од 1 до 7 поени. Највисоката разлика ја остварија во последните моменти кога стигнаа до вредна победа над шампионот 73 :64, нивна трета во низа сезонава со која се израмнија според ефектот со МЗТ Скопје Аеродром во првенството. Најефикасен кај победникот Јануѕшевиќ со 17 поени, а одличен беше Брчков 1о 11 поени и 9 скокови, додека кај гостите Лучиќ постигна 17 поени.
Во вториот натпревар синоќа, кој беше последен од 5 првенствено коло екипата на Работнички ја декласира Струмица на гостински терен со 96 : 54, со неверојатно издание во второто полувреме кое го доби со 58 : 16. Таквиот расплет ретко кој го очекуваше по првото полувреме, во кое струмичкиот тим често беше во водство, а на пауза се замина со нерешен резултат 38 : 38. Тоа е трета победа на најтрофејниот македонски клуб по 4 одиграни кола, во која 11 кошаркари се запишаа меѓу стрелците, а најзаслужни беа Чековски со 22 поена и 9 скокови, Гечевски со 17 поени 5 скока и 6 асистенции и Соколов со 17 поени и по 5 скокови и асистенции.
