Се повлекува водата од излеаните водотеци

20.11.2014 13:36

ДЗС преку своите подрачни одделенија ја следи состојбата со водотеците и се подготвени да дејствуваат соодветно доколку се влоши состојбата...

Водотеците во Македонија кои се излеаја по обилните врнежи од дожд денеска се повлекуваат поради стабилизацијата на времето и престанокот на врнежите, соопшти Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС).

ДЗС преку своите подрачни одделенија ја следи состојбата со водотеците и се подготвени да дејствуваат соодветно доколку се влоши состојбата.

Реката Тополка се изеала во приградската велешка населба Превалец. Поплавени се деловите кои се близу до реката, градините, бавчите и подрумските простории на неколку куќи.

Исто така се излеа и реката Бабуна во долниот тек, кај фудбалското игралиште, и ги поплави приземните простории на некои од дивоградбите изградени во овој дел.

Вардар повторно се излеа кај Раотинце, тетовско. Под вода се дел од селските ниви.

Во поголемиот дел од поплавените ниви веќе биле засадени есенските култури, а меѓу поплавените површини има и повеќе овоштарници. Надојдениот Вардар се излеал и во дворовите и во подрумите на неколку куќи што се наоѓаат веднаш до речното корито..

Се излеа и реката Липковка, а жителите на Средорек, чии куќи се во близина до речното корито ги санираат последиците од пробивањето на насипот.

Заседава Советот на општина Куманово, а поплавените очекуваат помош во санирање на штетите. Предизвикана е голема материјална штета, но за среќа нема жртви.