Вардар се излеа од своето корито кај тетовско Раотинце

20.11.2014 16:16

Вардар се излеа кај тетовско Раотинце, но нема значителни штети. Водата поплавила обработливи површини, но не навлегла во дворовите и куќите. Жителите стравуваат од поголеми поплави доколку се повторат обилните врнежи. Локалните власти најавуваат акција за чистење на речното корито.

Од ридот над Раотинце се гледаат површините што останаа под вода по врнежите изминативе денови. Од тука е очигледно дека и Вардар е на критично ниво.

Вчера доцна попладнето реката се излеала од своето корито, но не предизвикала значителни штети. Денеска водата се повлекува. Жителите стравуваат од поголеми поплави, доколку се повторат обилните врнежи.

„Полето е цело под вода. Реката сега малу се повлече, меѓутоа вчера беше критично. Водата е излезана на патот на влезот во селото“, раскажува Златко Ристоски, жител на Раотинце.

Покрај врнежите, причина за излевањето на реката е и отпадот фрлен во неа. Купишта се собираат на стебла паднати во водата и така настануваат брани.

„Има паднати дрва што ја запираат водата. Некаде реката се излеала, но потоа се вратила“, рече Светомир Силјановски, жител на Раотинце.

Дополнителен проблем се и подземните води по кои е карактеристичен регионот. Излегуваат на површина најчесто кога има врнежи.

„Има подземји води. Поминуваат баш под местово на кое стоиме. Меѓутоа долу веќе е излеана реката“, вели Миодраг Спасоски, жител на Раотинце

Од општина Јегуновце до Владата доставиле акциски план за чистење на речните корита. Акцентот е ставен на реката Вардар. Треба да се реализира следната година.

„Го реафирмираме и проектот за регулација на коритото на реката Вардар“, изјави Тони Коцески, градоначалник на општина Јегуновце.

Според Коцевски, со редовно чистење и регулирање на речното корито ќе се реши овој проблем. Се дотогаш опасноста од поплави останува.

 

Зоран Јованоски