Француски инвеститори ја скенираат Македонија

20.11.2014 16:22

Франција да стане дел од водечките 10 трговски партнери на земјава и да се зголемат инвестициите од оваа земја. Бизнисмени бараат подлабоки економски врски со втората економија во Европа. Властите најавуваат нови инвестиции.

Македонските власти се во преговори со крупни француски компании да инвестираат во земјава. Се скенираат фирми кои, освен во матичната земја, имаат бизнис и во северна Африка, кои сакаат дел од своето производство да го преселат во ЈИЕ.

„Нашата цел е Македонија да биде главна на мапата кога француските компании ги разледуваат дестинациите во кои би ги пласирале своите инвестиции. Се надевам дека за краток рок, некоја од овие големи француски компании ќе инвестира во земјава во делот на производството“, изјави Бил Павлески, министер за привлекување странски инвестиции.

Францускиот капитал во земјава е присутен во банкарскиот и автомобилскиот сектор, трговијата, прехранбената индустрија, текстилот, но се уште нема француска компанија во некоја од слободните економски зони.

„Наша задача е да ги стимулираме француските претпријатија да дојдат и да инвестираат во Македонија, а имаме и обврска и да ја зголемиме трговската размена“, изјави Лоренс Оер, амбасадор на Франција во Македонија.

Француските инвестиции во земјава лани тежеа 137 милиони долари. Властите се надеваат дека, по владиното роуд – шоу, оваа бројка ќе се натфрли во претстојниот период. Со слични очекувања се и бизнисмените.

„Сакам да потенцирам дека нивото на странски инвестиции од Франција е значително зголемено од 2010-та година и мислам дека овој континуитет ќе продолжи“, изјави Бранко Азески, претседател на СКМ .

Размената меѓу двете земји се зголемува и во деветте месеци од годинава достигна 98 милиони долари, за 10% повеќе од лани.

Мартин Пушевски