Семејството Билбиловски - редок пример за многудетно семејство
Но, храброст и воља се потребни да се создаде ваква убавина, да се продлжи лозата. Од првото до шестото разликата е 18 години...

Со топлина и љубов е исполнет домот на семејството Билбиловски. Шест деца, Господ така сакал - се шегуваат Влајко и Весна. Но, храброст и воља се потребни да се создаде ваква убавина, да се продлжи лозата. Од првото до шестото разликата е 18 години.
„Ако имаме ние некои цели во животот како што имаме со сопругата, впрочем нашиот живот е една чашка ракија тука се тие кои утре ќе не спомнуваат, ќе се борат и за нивните деца и ќе сватат дека е нешто добро“, рече Влајко Билбиловски.
Иако обврските во домот притискаат и секој го бара вниманието, сепак Весна вели- има време и за себе.
„Би им советувала на сите да не доцнат со создавање на семејството поради ниту една причина. И куќа се прави со деца, а не сега да израдам куќа, па чекај ова, па она. Се доаѓа спонтано. Со децата уште поголема среќа“, вели Весна Билбиловска.
Ана е студент на медицинскиот факултет. Таа е првото дете, најстара од шесте, помага колку што и дозволува времето. Горда е што има четири браќа и една сестра.
„За сите е некако чудно за тоа дека ние сме шест деца дома, па ме прашуваат како издржуваме, како можам да учам, како можам да постигнам, меѓутоа сите си имаме некоја своја хармонија и свои обврски па така се си тече по некој свој спонтан протокол“, рече Ана Билбиловски.
Во семејството Билбиловски никогаш не е тивко - редок пример за многудетно семејство. Трката по кариера и социјалната бариера го намалија наталитетот. Но младите и се подоцна се решаваат на брак.
Судбоносното „да“ по 30-та година, едно до две дечиња, вака накусо би можело да се опише едно современо македонско семејство. Семејствата со три деца се реткост, а со четири или повеќе исклучок. Шесте дечиња на Билбиловски се силна порака дека потомството е најголемото богатство.
Андријана Атансовска
