Груевски: Со широка дебата да се надминат недостатоците во високото образование
Министерството за образование веќе спроведува дебати на кои се акумулираат мислења. Пред да се донесе финалната одлука - сите предлози ќе се анализраат...

Со широка дебата во која ќе бидат вклучени и студентите и професорите ќе се бара начин како да се надминат недостатоците во високото образование, вели премиерот Груевски.
Министерството за образование веќе спроведува дебати на кои се акумулираат мислења. Пред да се донесе финалната одлука - сите предлози ќе се анализраат. Целта е да се искорени праксата на претрчување на студиските години без да се стекне потребното знаење.
„Секако ќе бидат вклучени студентите, тие се веќе вклучени бидејќи Министерството за образование организираше веќе такви настани. Ќе бидат вклучени сите можни фактори и од тој аспект ќе се слушне секое мислење и внимателно ќе се анализира. Студентите имаат право на различно мислење и право на протест, јас тоа го респектирам. Она што е значајно е дека сега сме во фаза на јавна дебата, се слушаат сите мислења по ова прашање“, изјави премиерот Никола Груевски.
Група студенти неделава протестираа против екстерното оценување.. Одлука дали ќе се спроведува оваа реформа треба да се донесе до средината на идниот месец. Груевски ги демантираше шпекулациите дека нема да се дозволи повеќекратно полагање на државниот испит во втора година. Рече дека студентите ќе можат да го полагаат испитот онолку пати колку што е потребно да научат и да ги продолжат студиите.
„Доколку се донесе законот, тој ќе важи за студентите кои ќе се запишат допрва на факултет“, нагласи премиерот Груевски.
На одбележувањето на 13 годишнината од основањето на Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово, Владата најави дека ќе издвојува и по 500 илјади евра за негово финансирање.
Анита Димитријевска
