Бизнисот бара поголема вклученост во носењето на законите
Бизнисмените велат дека е потребно да се зголеми конкурентноста на македонските производи. Добра можност за бизнис секторот се и европските фондови...

Извештајот на Eвропската Kомисија е реален, но ние како бизнис заедница се трудиме да ги подобриме состојбите во економијата. Ова е заклучок од денешната средба на вицепремиерот Фатмир Бесими со претставници на стопанските комори.
Бизнисмените велат дека е потребно да се зголеми конкурентноста на македонските производи. Добра можност за бизнис секторот се и европските фондови.
„Тука беше и фокусот на дискусијата. Како да се зголеми комуникацијата со бизнис заедницата, и од аспект на правната сигурност во судскиот систем“, изјави вицепремиерот за интеграции, Фатмир Бесими.
„Од особено значење е поблиската соработка межу домашните компании и страснките инвеститори и нивно вкучување во ланецот на добавувачи“, вели Елена Милевска Штрбевска од Стопанската комора на Македонија.
За сите правилници што ќе ги носи Владата од сега мислење ќе се бара од бизнис секторот. Стопанските комори бараат поголема вклученост во донесувањето на законите.
„Структурата на пазарот на трудот, да имаме поадекватен образован кадар“, вели извршниот директор на ССК, Митко Алексов.
„Колку и да ги убедуваме бизнисмените, тие не би го ставиле својот капитал под некои сомнителни услови на сигурност“, вели Мендерес Кучи, Стопанска комора на Северозападна Македонија.
Бизнис секторот бара подобрување на структурата на пазарот на трудот - продуцирање кадри соодветно подготвени и квалификувани за потребите на реалниот сектор. Има поволности во повеќе сегменти констатира бизнис секторот, но сепак може да се направи повеќе.
Миле Ристески
