Потврден македонскиот придонес кон стабилноста и безбедноста во Европа
Македонија е дел од земјите што партиципираат во европските борбени сили. Армискиот контингент е целосно подготвен доколку затреба да се упати во мировна мисија под водство на Европската Унија. Првиот човек на воениот комитет генерал Русиер со потврда на македонскиот придонес кон стабилноста и безбедноста во Европа.

Учеството на државава во заедничката надворешна и одбранбено-безбедносна политика на Европската Унија е еден од елементите при оценката на Европската Комисија за исполнување на критериумите за членство и показател на подготвеноста на земјите за преземање на обврските од тој домен. Претседавачот со воениот комитет на Унијата генерал Русиер ги потенцира регионалната соработка и солидарноста во исполнувањето на европските вредности.
„Изразив и благодарнсот за вашиот зголемен придонес кон заедничката безбедносна и одбранбена политика на ЕУ врз основа на рамковниот договор за ваше учество во операции за одговор на кризи на ЕУ, кој беше потпишан пред две години во 2012 година“, рече генерал Патрик Де Русиер, претседавач со Воениот комитет на ЕУ.
Армискиот контингент од 150 припадници од јуни годинава е дел од борбената група на Европската Унија. Македонија заедно со Холандија, Луксембург, Шпанија, Германија и Белгија декларираше чета за заштита на силите, со мисија, обезбедување на штабот, ВИП личности и патролирање. АРМ 8 години е дел и од мисијата АЛТЕА во Босна и Херцеговина.
„Очекувам дека овој конкретен, голем придонес ќе биде и релевантно прифатен и оценуван од ЕУ“, рече Генерал-Потполковник Горанчо Котески, началник на ГШ на АРМ.
Европската унија организира сопствени борбени сили кои согласно со интересите би можеле да се употребат за справување со безбедносните предизвици на оддалеченост и до 6 илјади километри од европската престолнина Брисел.
Милчо Велески
