Високи казни за тренерскиот тандем на Работнички!

20.11.2014 17:22

Дисциплинската комисија на Македонската кошаркарска федерација, го суспендираше тренерскиот тандем на Работнички...

Откако ја доби првата правна битка на зелена маса и остана во најквалитетната лига, четиринаесеткратниот македонски кошаркарски шампион, Работнички се соочува со нови, ништо помали проблеми.

Дисциплинската комисија на Македонската кошаркарска федерација, го суспендираше тренерскиот тандем на Работнички, поради одбивањето екипата да го продолжи прекинатиот првенствен натпревар со МЗТ Скопје Аеродром. Првиот стручњак, Марин Докузовски е казнет со шест месеци забрана за извршување на тренерската функција, додека неговиот асистент Марјан Србиновски ќе треба да паузира деведесет дена.

Ако должината на казната е мерило, тогаш претседателот на Работнички, Горан Геровски е главен виновник затоа што е суспендиран  на една година. Сите казнети имаат право на жалба во рок од осум дена од официјализирањето на суспензиите.

Во меѓувреме, до разгледување на жалбите, Работнички ќе го водат капитенот Јане Петрески и најискусните кошаркари, Тодор Гечевски и Ѓорѓи Чековски, како што и беше на дуелот против Струмица на којшто „центарци“ славеа убедлива победа.