Јажинце доби фекална канализација

21.11.2014 11:50

Со средства од агенцијата за финансиска поддршка на земјоделието и рурален развој селото Јажинце, општина Јегуновце, конечно доби фекална канализација. Во Јажинце присуствуваше и министерот за надворешни работи Никола Попоски...

Фекална канализација во должина од околу 5 километри добија жителите на Јажинце, општина Јегуновце. Со ова се реши еден од најголемите проблеми во ово населено место, бидејќи во последниот период почнале да се појавуваат и заразни болести.

„Овој проект беше од суштинска потреба за жителите на Јажинце. Без фекална канализација ни се загадија воздухот и водата, а почнаа да се појавуваат и болести“, рече Наси Беџети – Претседател на МЗ „Јажинце“.

Изградбата на мрежа за фекална канализација значително го подигнува квалитетот на живеењето, а има и еколошки аспект.

„Владата на Република Македонија останува посветена на руралниот развој на сите места во земјава. Убеден сум дека и во наредионт период општина Јегуновце ќе биде корисник на средства од програмата за рурален развој“, вели Тони Димоски, директор на Агенција за финансиска поддршка на земјоделие и рурален развој.

Општина Јегуновце е мултиетничка средина. Затоа, рече градоначалникот Коцевски, се залагаме за да го подобриме животот на жителите од сите населени места, без разлика на било каква припадност.

„Да не беше помошта од Владата на Република Македонија и од Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделието и руралниот развој, како и од жителите на Јажинце, немаше да успееме да го реализираме овој проект“, изјави Тони Коцевски, Градоначалник на општина Јегуновце.

Во Јажинце присуствуваше и министерот за надворешни работи Никола Попоски.

 

Зоран Јованоски