Иванов се сретна со претседавачот на Воениот комитет на ЕУ, генерал Де Роусиерс

21.11.2014 12:16

На средбата беа разменети мислења и информации во однос на македонските евроатлантски интеграции, учеството на АРМ во борбените групи предводени од Европската унија...

Република Македонија е целосно посветена на членството во Европската унија и НАТО и дава значаен придонес за мирот, безбедноста и стабилноста како во нашиот регион, така и надвор од него, порача претседателот Ѓорге Иванов, на денешната средба во Скопје со претседавачот на Воениот комитет на ЕУ, генерал Патрик де Роусиерс.
 
На средбата беа разменети мислења и информации во однос на македонските евроатлантски интеграции, учеството на АРМ во борбените групи предводени од Европската унија, како и за унапредувањето на натамошната соработка на Република Македонија во рамки на Заедничката надворешна и безбедносна политика и Заедничката безбедносна и одбранбена политика на Унијата.
 
Македонскиот претседател го потенцираше учеството на АРМ во мировните мисии на ЕУ и НАТО, и порача дека нашата поддршка ќе продолжи и во иднина.
 
Генералот Роусиерс изрази благодарност за придонесот и активното учество на АРМ во Европската безбедносна и одбранбена политика, потенцирајќи го учеството на припадниците на АРМ во рамките на мисијата на ЕУ „Алтеа“ во Босна и Херцеговина, и во борбените групи на ЕУ од 2012 и 2014 година. Притоа генералот Роусиерс ја истакна потребата од натамошно унапредување на соработка со Република Македонија, како дел од соработка помеѓу ЕУ и земјите-партнери меѓу кои е и нашата држава.