Пет милиони имигранти остануваат во САД!
21.11.2014 13:53
Ова не се однесува лицата осомничени за тероризам и друг вид криминал. САД се една од ретките земји што го гарантираат статусот на државјани на сите оние кои ќе се родат на нивната територија, што е еден од адутите на Обама да ја истурка реформата за доселеничките политики низ Конгресот...

Американскиот претседател Барак Обама го искористи дискрeционото право и ги објави мерките со кои пет милиони илегални доселеници во САД нема да бидат депортирани. Обама со претседателскиот авторитет им овозможува на родителите, американските државјани или лица со постојан престој кои немаат документи, легално да живеат и работат во САД. Во рок од три години ќе можат да поднесат докумнети за дозвола за работа без да бидат загрижени околу депортацијата.
„Ако сте во Америка на повеќе од пет години, ако имате деца кои се американски граѓани или имаат законски престој, ако се регистрирате, немате кривична позадина, фер подготвени да плаќате удел во даноците, тогаш сте во можност да барате престој во оваа земја привремено без страв од депортација. Можете да излезете од сенката и да добиете право загарантирано со закон“, нагласи претседателот Обама.
Ова не се однесува лицата осомничени за тероризам и друг вид криминал. САД се една од ретките земји што го гарантираат статусот на државјани на сите оние кои ќе се родат на нивната територија, што е еден од адутите на Обама да ја истурка реформата за доселеничките политики низ Конгресот. Тој ги отфрли критиките на републиканците дека неговата одлука го заобиколува Капитол Хил преку наредба еднаква на амнестија за незаконските имигранти.
„На членовите на Конгресот, кои го доведуват под прашање мојот авторитет да го подобрам доселеничкиот систем им препорачувам да го усвојат законот“, рече Обама.
Додека траеше говорот десетици лица се собраа пред Белата куќа изразувајќи му благодарност и поддршка на Обама.
„Ви благодариме за Вашата извонредна работа. Борбата која ја водевме секојдневно конечно се исплати. Ова е голема победа за нашите семејства, за нашата заедница, за сите нас, за нашата земја. Многу сме среќни“, вели доселеник во САД.
Водечките ТВ мрежи во САД го игнорираа вчерашниот говор на Обама за имиграциска политика. Вкупно во САД живеат околу 11 милиони доселеници. Главен влез на доселениците и натаму е од Мексико преку реката Рио Гранде, со што доселениците го добија популарниот прекар „мокри грбови“.
Маријана Димовска
