Државен испит, а не екстерно тестирање е концептот на Владата

21.11.2014 16:20

Државната агенција МИА повикувајќи се на владини извори оценува дека студентите биле изманипулирани од невладините на СОРОС и универститските професори блиски до опозицијата...

Не екстерно тестирање, туку државен испит. Надлежните за да го подигнат квалитетот на образованието ќе воведат реформа што подразбира контрола на знаењето на студентите, а не работата на професорите. Затоа за многумина е нејасно зошто студентите поддржани од некои професори протестираа против воведување на екстерно тестирање во високото образование.

Државната агенција МИА повикувајќи се на владини извори оценува дека студентите биле изманипулирани од невладините на СОРОС и универститските професори блиски до опозицијата. За нив е несфатливо зошто протестираат актуелните студенти кога таа мерка нема да ги опфати сегашните генерации туку идните студенти, оние кои ќе ги почнат студите во 2015.  Не е точно дека студент ако падне на испитот во втора и четврта година нема да може да го продолжи студирање то. Ќе може да се полага безброј пати се додека студентот не добие бодови со кои ќе покаже дека поседува минумум знаење за да продолжи во наредната академска година.

Државен испит од ваков вид се спроведува во  Полска, Чешка, Унгарија, Словачка  и други европски земји. Ќе почне да се применува од идната академска година а ќе го полагаат студентите во 2017-та . Испитот ќе се полага компјутерски, а студентите ќе одговараат на однпред добиени прашања. Резултатите ќе се добијат веднаш, освен ако природата на испитот налага поинаку.  
За разлика од екстерното тестирање, државниот испит нема да ги оценува ниту предвидува  санкции и казни за професорите.  Целта на државниот испит е да се натера студентот ако добил оцена без знаење сепак да го научи материјалот. Полагањето ќе биде организирано еднаш квартално, во просториите на испитен центар, полагањето нема да го спроведува ниту државата ниту ресорното министерство туку одборот за акредитација. Ваков тип на испит како концепт во  македонското образование постои 40 години и успешно се применува на медицинскиот факултет. Станува збор за еден вид на правосуден испит. 

Надлежните велат дека концептот за државен испит не е конечен, ќе се доработува и е отворен за сугестии од сите засегнати страни.  Предвидена е дебата за финализирање на моделот откако тој ќе влезе во собраниска процедура.

Викторија Тодоровска