Македонија меѓу земјите со најниски даноци

21.11.2014 16:37

Деловната клима и поволностите за почнување бизнис ја препознаваат и странските компании...

Условите и целата постапка за плаќање даноци на фирмите ја рангира Македонија како најдобра во Југоисточна Европа и седма во светот во конкуренција од речиси 200 земји, наведено е во извештајот „Paying taxes 2015”. Според вицепремиерот Ставрески, ваквата висока позиција е добиена благодарение на успехот во сите сегменти на плаќање даноци.

„Македонија е прва и најдобра во светот со ефективна стапка од 7,4 проценти и е меѓу подобрите во светот во делот на времетраењето за плаќањето на данок и трошоците на фирмите поврзани со тоа. Од 6 до 7 пати е пониска стапката отколку просекот во Европа и на тој начин се создадени услови фирмите да потрошат помалку пари и време во постапката на плаќање даноци“, изјави Зоран Ставрески, вицепремиер и министер за финасии.

Деловната клима и поволностите за почнување бизнис ја препознаваат и странските компании.

„Навистина сум импресиониран од Владата на Република Македонија и нејзините напори да го олеснува и овозможува доаѓањето на странските компании во државата, со што овозможува процесот на транзиција и инвестирање на капиталот да го направи полесен, што се спротивно на многу други држави кои ставаат пречки и блокади на тој процес“, смета бизнисменот Ричард Кравфорд.

Македонските фирми се меѓу оние што имаат најниско даночно оптоварување.

Во Македонија во просек се потребни 119 часа за да се заврши постапката на плаќање даноци. Во другите земји и во регинот постапката трае многу повеќе.

 

Наташа Јанчиќ