Седница на ЦЕФТА: Укинување на бариерите за извоз на лекови во Албанија и вино во Србија
Ќе се елиминираат бариерите за извоз на македонски лекови во Албанија и на вино во Србија. На министерската средба во Скопје земјите на ЦЕФТА се договорија да ги елиминираат пречките во регулативата кои ја спречуваат економската соработка...

Пред мешовитиот комитет на ЦЕФТА македонија побара од Албанија и од Србија да ги тргнат ограничувањата за увоз на наши лекови и вино, кои не се според ЦЕФТА спогодбата. Освен регистрацијата во матичната земја, неодамна Албанија, го услови увозот на лекови и со регистрација во една земја членка на ЕУ, на што реагираа Македонија и Србија.
„Во наредниот период Република Албанија ќе ја согледа можноста да направи измени во законот за здравство кој што го регулира делот на увоз на лекови кои се произведуваат во нашата држава“, рече Беким Незири, министер за економија.
Со Србија е договорено надминување на проблемите со увоз на македонско вино. Ќе се решаваат на заедничката владина седница на 22 декември. ЦЕФТА спогодбата беше креирана за да се олесни трговијата меѓу земјите од регионот, но честопати некои земји се обидуваат внатрешните проблеми да ги решаваат со воведување бариери. Србија со пченицата, Косово со брашното, БИХ со млекото, Албанија со лековите. Македонија реагира, но потребни се повеќе месеци за да се надминат бариерите, а нашите извозници трпат сериозни економски штети. За деветте месеци Македонија извезла во петтте земји на ЦЕФТА стоки вредни 511 милиони долари, а увезла за 569.
Свето Николовски
